Новиот селектор на Македонија ја доби наградата за тренер на годината во АБА

Новиот македонски селектор Драган Бајиќ доби најголем број на гласови и е избран за најдобар тренер во АБА лигата за оваа сезона, а наградата ја доби на стартот на плеј-офот, пред дуелот против Црвена Звезда во Белград.

Во изборот во кој учествуваа тренерите, новинарите и фановите стратегот на Игокеа ја победи конкуренцијата и на клупата на Македонија ќе дебитира со признание за најдобар тренер на сезоната во регионалното натпреварување. 

Новиот македонски селектор доби 63% од вкупниот број на гласови во традиционалното гласање кое го реализира менаџментот на АБА лигата. На второто место заврши предводникот на Цедевита Олимпија, Јурица Големац (10.8%), па следува Владимир Јовановиќ, тренерот на Мега, кој доби 7.7% од вкупниот број на гласови.

Првиот официјален предизвик за новиот селектор ќе биде втората рунда од претквалификациите за Светското Првенство 2023, закажана за август.