Новата сала на Работнички ќе се вика „Лазар Лечиќ“

Работнички полека го добива новиот дом затоа што привршува реконструкцијата на „Градски парк“, а салата на центарци во иднина може да го промени и името, затоа што градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, даде таков предлог.

Имено, предлогот е во иднина салата да го носи името „Лазар Лечиќ“, кој остави голема трага во тимот на Работнички.

„Во „Апче“, во срцето на Дебар Маало се сретнав со нашите ветерани на Работнички Драган Радосављевиќ, Ристо Ѓорчевски, Томе Димишковски и Огнен Герасимовски. На средбата дискутиравме за славните денови на Работнички, за сегашните состојби и иднината на клубот.

Предложив реконструираната сала да го носи името на Лазар Лечиќ, творецот на македонската професионална кошарка, под чие водство Работнички ги освои титулите во 1963 и 1964 година и се пресели во Првата сојузна лига. Среќен сум што ветераните едногласно го поддржаа предлогот, велејќи дека Лечиќ е човекот што не научи да играме со срце и тимски дух. Во знак на благодарност за сѐ што направија, ветераните ќе имаат и своја ложа наменета токму за нив.“, објави Герасимовски.

Работнички веќе неколку години игра по различни сали во Македонија заради проблем со „Градски парк“, но од новата сезона се очекува тимот да се врати дома.