Новата сала „Градски парк“ до втората фаза чини скоро два милиони евра

По долги години, во кои пропаѓаше и пропаѓаше, кошаркарскиот дом на Работнички, „Градски Парк“, ќе добие нов, модерен лик. Градежните работи во култната кошаркарска сала интензивно напредуваат, а од таборот на клубот уверуваат дека денот кога трибините одново ќе бидат полни до последно место, е сè поблиску.

Со реконструкцијата на салата, ќе се обноват соблекувалните, туш кабините, ќе се постави нова опрема, кошеви и друга потребна инфраструктура. Ќе се обезбеди висока енергетска ефикасност, што значително ќе ги намали трошоците за енергија. Со реконструкцијата ќе се овозможи враќање на клубот на европската кошаркарска сцена.

Од делот на Јавните набавки кој е достапен со информации од јавен карактер, набавени се материјалите за старт на втората фаза. Општина Центар како налагодувач исплатила сума од 1,456,337 евра (89.564.695 денари) на Друштвото за промет и услуги ЕМ Груп Електрометал од Скопје со назнака дека се работи за материјалите од Фаза 2. Се работи за компанија која работи со греење - инженеринг и изведба, кровови, вентилација - опрема, водовод и канализација - проектирање и изведба.

Претходно, Општина Центар на истата компанија уплатила 426.879 евра, тоа е во месец октомври кога започна реновирањето. Назнаката е Фаза 1 од реконструкцијата. Кога овие суми ќе се соберат, добиваме сума од 1,88 милиони евра, а останува да видиме дали оваа фаза е последната кога се говори за реновирањето на култната „Градски парк“.

Доколку се мине во најдобар ред, „Градски Парк“ би требало да биде подготвен повторно да биде домаќин на кошаркарски натпревари од септември 2025 година.

*Податоците за јавните набавки се преземени од e-nabavki.gov.mk