Новата АБА сезона почнува на 19 септември, годинава нема да се игра Суперкуп

На вчерашното собрание на клубовите од регионалната кошаркарска АБА лига, одржано преку видео-врска, донесена е одлука новата сезона да започне на 19 септември. Регуларниот дел од сезоната ќе трае до 28 март 2021 година, а плеј-офот треба ќе започне на 4 април 2021 година.

Собранието донесе одлука дека и АБА и АБА2 лигата да бидат составени од 14 клуба до сезоната 2024/25.

Во согласност со потврдениот систем на натпреварување, последнопласираниот тим на АБА-лига нема да има право да учествува на ова ниво на натпреварувањето во наредната сезона, додека 13-пласираниот тим на АБА-лигата и финалистот на АБА2 ќе се соочат едни со други во баражот за АБА-лигата. Доколку Приморска, која има финансиски проблеми не се откаже од натпреварувањето, МЗТ Скопје Аеродром ќе остане во АБА2, каде во новата сезона, од македонските клубови ќе игра и Работнички.

Поради пандемијата на коронавирус откажан е Суперкупот за оваа сезона.