Нова улога за претседателот: Антиќ во стручниот штаб на Феникс Санс

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ, наскоро би можел да добие нов предизвик и да стане член на стручниот штаб на Феникс Санс во НБА лигата. 

„Сонцата“ се предводени од поранешниот тренер на Антиќ, Мајк Буденхолзер, со кого заедно работеа за време на неговиот престој во Атланта Хоукс. Стратегот го повикал Антиќ да го пополни испразнетото место во неговиот стручен штаб, па доколку нашиот поранешен кошаркар се прикаже во солидно светло, веројатно ќе добие договор од управата и ќе остане во Феникс. 

Антиќ веќе присуствуваше на тренинзите и ќе се обиде да го убеди тренерот дека може да му биде од корист во следната сезона, каде Феникс има огромни амбиции и цели на шампионската титула. 

Тимот е составен од неколку звучни имиња и големи ѕвезди, како Кевин Дурент, Јусуф Нуркиќ, Грејсон Ален, Ројс О'Нил, Девин Букер и Демион Ли, а тренерот Буденхолзер полека ги составува „коцките“ за предизвиците што следат. 

Перо Антиќ одигра две сезони под водство на „Коуч Бад“, беше првиот Македонец кој заигра во НБА лигата и бележеше просек од 6,3 поени и 3,5 скока по натпревар. Американските медиуми се шегуваат дека на тренинзите на Феникс, токму Антиќ е највисокиот кошаркар на паркетот.