• Мартин Танасковски
Кошаркарската репрезентација на Германија ја заврши групната фаза на Евробаскет на импресивен начин, совладувајќи ја Финска на нејзин терен со резултат 61-91 (19-21, 17-29, 13-19, 12-22).
Доминантноста на Германија се гледа најдобро преку фактот дека Финците не водеа ниту една секунда од натпреварот. Единствено израмнување беше на самиот почеток, по првите поени, а од тогаш Германците презедоа контрола и ја одржаа до самиот крај.
Најефикасен поединец на мечот беше Франц Вагнер со 23 поени, седум скокови и три асистенции, кој одигра блескава партија. Него го следеше капитенот Денис Шредер со 16 поени, седум скокови и девет асистенции, иако запиша и шест загубени топки.
Двоцифрени беа и Јоханес Тимен со 12 поени и седум скокови, како и Тристан Да Силва со 11 поени и четири скокови. Кај Финците се истакнаа Оливие Нкамхуа со 16 поени, 11 скокови и две асистенции, како и Лаури Марканен, кој реализираше 11 поени, девет скокови и четири украдени топки.


