Нова евролигашка „бомба“: Алба Берлин потпиша со бивш соиграч на Дончиќ и Леброн

Американскиот кошаркар Стерлинг Браун е новата трансфер „бомба“ во европската кошарка. Бек-шутерот е најново засилување за екипата на Алба од Берлин, а тој во своето портфолио има богато НБА искуство. 

28-годишниот Браун потпиша двегодишен договор со германскиот евролигаш и се очекува да биде големо засилување во ротацијата. Тој во својата кариера одигра скоро 300 натпревари во најсилната светска кошарка. Во минатото настапуваше за Милвоки, Хјустон, Далас и Лос Анџелес Лејкерс. 

Во текот на НБА кариерата, Стерлинг Браун имаше можност да ја дели соблекувалната со Леброн Џејмс, Јанис Адетокумбо и Лука Дончиќ, а неговиот просек изнесува 5,3 поени и 3,3 скокови по натпревар.

Некогашниот 46-ти „пик“ на драфтот пристигна во Берлин и следните две сезони ќе го гледаме во дресот на германскиот клуб. Задоволство од трансферот изрази и управата на Алба Берлин, која се надева дека Браун ќе биде меѓу главните играчи во тимот.