Нова епизода од ривалството: Леброн против Кари за место во плеј-офот

Леброн Стеф

Шампионот Лос Анџелес Лејкерс на големо изненадување на јавноста ќе мора да одигра најмалку еден натпревар за да го потврди учеството во овогодишниот плеј-оф.

Противник во борбата за седмата позиција во плеј-ин турнирот ќе му биде Голден Стејт Вориорс. На почетокот на сезоната никој не мислеше дека „воините“ имаат шанса да бидат таму каде што се, а сега тие се подготвени да се надигруваат со бранителот на титулата во обид да направат изненадување.

Овој натпревар е нова епизода од ривалството меѓу Леброн Џејмс и Стеф Кари. Тие двајца во минатото биле дел од епски битки во походот кон НБА трофејот. Оваа година ѕвездата на Лејкерси има голема предност со оглед на ростерот со кој располага, како и отсуството на првиот партнер на Кари во нападот, Клеј Томпсон.

Шутерот на Вориорси води во пресметките со „кралот“ и тоа со солидни 22-15. Исто така има предност и кога се во прашање финалните серии (3-1). 

Многу работи ќе зависат од здравјето на Леброн и неговиот соиграч Ентони Дејвис. Тие двајца направија поголема пауза во завршницата од сезоната, па поради тоа тимот се најде во плеј-ин турнирот. Ако тие одиграат како што се очекува од нив, шампионот не би требало да има проблеми да закаже серија со второпласираниот тим на Западот, Феникс Санс.

Вториот дуел во плеј-ин турнирот на западната конференција носи судир меѓу Сан Антонио Спарс и Мемфис Гризлис.