Нова драма на ЕП, Шпанија по продолжение ја „сруши“ Литванија

Во дербито од осминафиналето на Евробаскетот во Берлин, Шпанија по голема борба и дополнителни пет минути ја совлада Литванија со 102-94 и се пласира во четвртфиналето.

Четата на Серхио Скариоло не личеше на онаа која што честопати доаѓаше до самата завршница на минатите континентални шампионати, но кога беше најпотребно покажа смиреност и квалитет и го продолжува својот атак кон нов европски трон.

Ниту на овој натпревар Шпанија не наликуваше на селекција која што може да остане во трката за самиот врв. Но, епилогот е таков што серијата продолжува против големиот ривал на големите натпреварувања, од кој последен пат загуби на Евробаскетот во 2011 година.

„Црвената фурија“ губеше во текот на целиот натпревар. Литванците во четвртата четвртина имаа предност од осум поени (74-66) и веќе им се смешкаше победата. Но, она што следеше беше серија од 14-4 на Шпанците која што им обезбеди продолжение. Во дополнителните пет минути Шпанија го скрши отпорот на противникот и славеше со сигурни осум поени разлика.

Кај победникот најефикасен беше Лоренцо Браун со 28 поени и осум асистенции, а одличен беше и Вили Хернангомез со 21 поен и осум скока. На спротивната страна најефикасен беше Миндаугас Кузминскас со 18 поени, а Лукас Лекавичиус и Домантас Сабонис натпреварот го завршија со по 15 поени.

Во четвртфиналето Шпанија го чека победникот од натпреварот меѓу Хрватска и Финска.