Нов удар за Словенија пред ЕП: Отпаѓа и натурализираната ѕвезда

Кошаркарската репрезентација на Словенија ќе биде видно ослабена на претстојниот Евробаскет, откако по отказот на Влатко Чанчар, дојде нова лоша вест за селекторот Александар Секулиќ.

Како што пренесуваат словенечките медиуми, националниот тим нема да може да смета ниту на натурализираниот Американец Џош Нибо. Моќниот центар целосно ја пропушти минатата сезона поради тешка повреда, односно скршеница на рака и сè уште не е во доволно добар натпреварувачки ритам за турнир од ваков калибар.

Нибо беше значаен фактор под кошевите и неговото отсуство ќе биде голем удар за амбициите на Словенија, која останува без својата најексплозивна опција во рекетот.

Сепак, Словенците би можеле да добијат алтернатива во форма на Ален Омиќ. Центарот со искуство од АБА-лигата и бројни настапи во домашното првенство, би можел да биде вклучен како натурализиран играч. Иако поседува словенечки пасош, Омиќ никогаш не бил дел од младинските категории на Словенија, а има и државјанство на Босна и Херцеговина.

Промените во ростерот доаѓаат во незгоден момент за Словенија, која се надеваше на силен состав за настап на континенталниот собир.