• Горан Упале

Екипата на Денвер Нагетс славеше голема победа над Мемфис Гризлис во дербито на Западната конференција на НБА (113-97), а Никола Јокиќ одново беше во фокусот и го забележа 101-от „трипл-дабл“ во кариерата, односно 25-ти оваа сезона.
Клучниот момент на натпреварот се случи во четвртата четвртина, каде екипите влегоа со нерешен резултат. Денвер направи неверојатна серија oд 27-6 и се избори за недостижна предност за противникот.
Србинот, иако не беше најефикасен, беше клучен играч во победата на својот тим. Натпреварот го заврши со 18 поени, 18 скока и десет асистенции. Најпрецизен кај Денвер беше Мајкл Портер Јуниор со 24 поени, додека Џамал Мареј постигна 22 поени. На Мемфис не му помогна ниту расположениот Џа Морант со 27 поени и 10 асистенции.
Атланта Хоукс го забележа првиот триумф под водство на Квин Снајдер откако против Портланд славеше со убедливи 129-111.
Атланта уште во првата четвртина се одлепи на двоцифрена предност, која ја чуваше во текот на целиот натпревар и заслужено впиша нова победа на своето конто. Мареј блескаше со 41 поен, пет скока и шест асистенции, а Тре Јанг натпреварот го заврши со 23 поени и 11 асистенции. На другата страна најдобри беа Лилард со 33 и Редиш со 25 поени.
Големо изненадување приреди тимот на Бруклин Нетс кој на гости кај Бостон ги победи Селтикси со 105-115, иако по првата четвртина губеа со 15-37. Бриџис го предводеше тимот од Њујорк со 38 поени и 10 скока. Џејлен Браун постигна 35 и заедно со Тејтум и неговите 22 поени беше најзабележителен кај Селтикси.
Екипата на Феникс Санс со Дурент во тимот го оствари вториот триумф. Овој пат во Чикаго, каде Булси паднаа со 125-104.
Букер постигна 35 поени, Окоги 25, а Дурант 20 поени за победничкиот тим. Најефикасни кај поразениот тим беа Де Розан со 31 и Лавин со 27 поени.