• Горан Упале

Никола Јокиќ одново блескаше во НБА лигата и го забележа својот осумнаесеттти „трипл-дабл“ сезонава, а неговиот Денвер го одржа стопроцентниот учинок кога се во прашање победите кога најдобриот играч во НБА има таков учинок. Денвер славеше над Атланта со 128-108.
Српскиот центар за нешто повеќе од 30 минути на паркетот запиша 14 поени, 18 скока и десет асистенции. Сепак, главна ѕвезда на тимот беше Џамал Мареј, кој беше незапирлив со 41 поен. Одличен беше и Мајкл Портер кој постигна 23 поени.
Без Тре Јанг, кој беше болен, Хокси како да не можеа подобро. Дежонте Мареј постигна 28 поени, а Хантер броеше до 20 поени.
Екипата на Голден Стејт Вориорс славеше над Далас Маверикс со 119-113, но тоа може да биде натпревар во кој актуелните шампиони загубија многу повеќе. Стеф Кари се повреди во третата четвртина и не се врати во игра. Дотогаш Кари имаше 21 поен, седум асистенции и шест скока, а без него Голден Стејт постигна само 17 поени во последната четвртина.
За тимот од Сан Франциско одличен беше и Грин со 17, а Томпсон заврши со 14 поени. Кај поразениот тим во отсуство на Дончиќ најдобри беа Дивниди со 25 и Хардавеј со 22 поени.
Лос Анџелес Лејкерс се уште се мачи со формата оваа сезона, но барем наскоро ќе има важна причина за славење. Леброн Џејмс се доближи на 36 поени со Карим Абдул Џабар и наскоро ќе стане најдобар стрелец во историјата на НБА лигата.
Ноќва, „езерџиите“ загубија од Њу Орлеанс Пеликанс со 131-126 и одново направија чекор назад во трката за разигрување за шампионска титула. Леброн средбата со Пеликанси ја заврши со 27 поени, додека кај победничкиот тим најпрецизен беше Инграм со 35 поени.