Нов рекорд: ЛА Лејкерс продадени за најголемата сума во историјата!

Лос Анџелес Лејкерс имаат нови сопственици, а сумата за која е реализирана продажбата е неверојатна - дури 12,5 милијарди долари! Според „ESPN“, станува збор за најскапата продажба на спортска франшиза во историјата.

Контролниот пакет во клубот го преземаат американските бизнисмени Џош Кушнер и Боб Ајгер, кои најавија дека нивната цел е да ја продолжат традицијата на еден од најпознатите спортски брендови во светот.

„Како големи навивачи на НБА, голема чест е да станеме дел од раководството на Лејкерси. Нашата долгорочна цел е да ја продолжиме визијата на Џери и Џени Бас, да се натпреваруваме на највисоко ниво и да му служиме на клубот, навивачите и градот Лос Анџелес“, порачаа Кушнер и Ајгер.

Продажбата е особено интересна поради фактот што Марк Волтер минатата година ја презеде контролата врз Лејкерс од семејството Бас за околу 10 милијарди долари. Сега клубот е продаден за уште поголема сума, што претставува огромен раст на неговата вредност за само една година.

Марк Волтер се прости од клубот со емотивна порака.

„Да ги водам Лејкерси беше една од најголемите почести во мојот живот. Она што ќе го понесам со себе се заедницата, навивачите и градот кој го третираше овој тим како семејство. Лејкерси му припаѓаат на Лос Анџелес и уверен сум дека најдоброто допрва доаѓа“, изјави екс-сопственикот на славната франшиза. 

Со новата трансакција, Лејкерс повторно ја потврдија својата огромна вредност, а воедно и испишаа историја како најскапо продадена спортска франшиза досега.