Нов пораз за десеткуваниот ТФТ во АБА-2 лигата

Екипата на ТФТ Mozzart продолжи со поразите во АБА-2 лигата и во претпоследната рунда загуби во натпреварот од Борац (75-91). Македонскиот тим со претходниот пораз од Горица ги загуби и теоретски шансите за плеј-оф, па така овој и следниот ќе послужат за искуство за следните предизвици.

Тафталиџани на турнирот се хендикепирани поради повреди и тоа беше евидентно во играта на тимот на Боро Смилковски. Во ниту еден момент, ТФТ не можеше да се понадева на победа затоа што Борац не го остави да размислува за такво нешто.

Уште од самиот почеток српскиот тим наметна свое темпо и замина на 5-15. Оттогаш ТФТ цело време бркаше негатива, а најблиску што дојде до ривалот беше на „минус шест“ на самиот крај на првите десет минути (19-25).

Главната разлика која го вивна Борац до победа се направи пред полувремето, кога српскиот тим од 35-41, даде десет поени во серија и замина на огромни +16 (35-51). Во второто полувреме разликата претежно беше двоцифрена, со исклучок на неколку моменти кога ТФТ доаѓаше на осум или девет негатива.

Најдобар поентер кај Борац кој ќе игра на завршниот турнир беше Ланговиќ со 20 поени, пред Танасковиќ со 17 поени, а Делајиќ и Џејрон имаа по 13 поени. На овој дуел настапи и Тео Симиќ кој даде четири поени. Кај ТФТ, Виктор Ташовски имаше 20 поени, пред Александар Костоски со 12 поени.

Последниот натпревар за ТФТ во АБА-2 лигата е закажан на 11 март. Скопскиот клуб оди на мегдан со Хелиос Санс.