ВИДЕО: Нов блесок на Дончиќ во победата на Далас, Јанис го доби дуелот со Харден

Дончиќ

Цела петорка на Далас Маверикс запиша двоцифрен број на поени во победата над Феникс Санс (104-94), една од полошите екипи во НБА лигата. Најефикасен меѓу нив беше младиот Лука Дончиќ кој стигна до границата од 30 поени, а додаде и шест асистенции и пет скока. Тимот на Рик Карлајл игра одлично пред своите гледачи и продолжува со надеж на чудо до крајот на сезоната во борбата за плеј-оф позиција.

Една од најефикасните екипи во лигата Њу Орлеанс Пеликанс повторно постигна 140 поени и славеше во дуелот со Кливленд (140-124). Првата ѕвезда на тимот Ентони Дејвис запиша највисоки 38 поени проследени со 13 скока и седум асистенции.

Феноменалниот Јанис Антетокумпо и неговиот Милвоски им застанаа на патот на Хјустон и Џејмс Харден (109-116). Минатогодишниот МВП играч ја продолжи одличната шутерска серија и постигна 42 поени и собра 11 скока, но тој учинок не беше доволен за да се добие директниот дуел со „грчкото чудовиште“, кој го заврши мечот со 27 поени и 21 скок.

Во дербито на Истокот, Бостон ја победи Индијана (135-108) најмногу благодарение на тимската игра на избраниците на Бред Стивенс. Седум домашни кошаркари запишаа двоцифрен учинок и ставија крај на победничката серија на Пејсерси.

Вашингтон и без својот најдобар кошаркар Џон Вол стигна до убедлив триумф против Филаделфија (123-106). Бредли Бил го искористи отсуството на својот соиграч и со 34 поени беше лидер кај Визардси, кои играат далеку од сите очекувања во новата сезона. Трите ѕвезди на гостите одиграа солиден натпревар, но не добија поддршка за да се изборат за нова гостинска победа.

Во останатите натпревари, Бруклин ја надигра Атланта (116-100), Мемфис го доби дуелот со Сан Антонио (96-86), Јута го одбрани домашниот терен против Орландо (106-93), а Портланд очекувано го надигра Чикаго (124-112).