• Мартин Танасковски
Кошаркарите на Олимпијакос повторно се шампиони на Грција. Тимот од Пиреја вечерва го совлада големиот ривал Панатинаикос со 89-85 во решавачкиот петти натпревар од финалната серија и со вкупни 3-2 ја одбрани шампионската титула.
Во преполната сала „Мир и пријателство“, избраниците на Јоргос Барцокас одиграа зрело и сигурно, контролирајќи го резултатот во најголемиот дел од натпреварот. Иако Панатинаикос се обиде да се врати во завршницата, Олимпијакос не дозволи изненадување и заслужено стигна до нов трофеј.
За „зелените“ ова е големо разочарување по сезоната во која имаа највисоки амбиции. И покрај големите инвестиции и очекувања, Панатинаикос остана без ниту еден голем трофеј, што дополнително ги зголемува шпекулациите околу иднината на тренерот Ергин Атаман. Со оваа титула, клубот од Пиреја ја комплетира една од најуспешните сезони во својата историја, откако пред неколку недели ја освои и титулата во Евролигата.
Главните ѕвезди повторно беа на висина на задачата. Најефикасен кај победникот беше Еван Фурние со 22 поени и седум асистенции, Саша Везенков додаде 19 поени, додека српскиот центар Никола Милутинов запиша 14 поени, седум скока и три асистенции. Важен придонес дадоа и Алек Питерс со девет и Мозес Рајт со осум поени. Кај Панатинаикос најрасположен беше Василис Толиопулос со 21 поен, Парис Шортс постигна 14, Џеди Осман 12, а Матјас Лесор и Кендрик Нан реализираа по 10 поени.
За Олимпијакос ова е 16-та шампионска титула во грчкото првенство, додека Панатинаикос и понатаму останува рекордер со 40 освоени титули. Сепак, сезоната 2025/26 ќе остане запаметена како една од најуспешните во историјата на Олимпијакос, кој успеа да ги обедини европската и домашната круна.