Ниту „Д“ од дерби, МЗТ Скопје лесно се справи со вечниот ривал Работнички

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја оправдаа фаворитската улога и го совладаа вечниот ривал Работнички со конечни 72-90 во натпреварот кој се играше во рамки на 10. коло од Суперлигата. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Работнички и МЗТ Скопје: 

Гостите од населбата Аеродром беа подобри во текот на целиот меч, па освен добрата прва четвртина на Работнички, потоа сите нешта одеа во полза на „металците“. На паузата играчите на Васко Атанасов водеа со 37-51, а во второто полувреме само ја довршија започнатата мисија.

Се обиде Работнички да стори нешто повеќе во третиот период, но беше јасно дека нема сили да му се спротивстави на фаворитот и актуелен шампион на Македонија. 

Последните десет минути беа чиста рутина за МЗТ. Ривалот беше веќе комплетно срушен и мораше да се помири со висок пораз, вкупно петти сезонава. Најдобар поединец кај аеродромци беше Елајџа МекКејден со 22 поени, а одличен учинок имаше и Војдан Стојановски, кој додаде уште осумнаесет. Кај Работнички, дваесет поени постигна Брендон Алстон, кој беше следен од Филип Наков, со 17 поени зад своето име. 

Во следното коло МЗТ Скопје ќе се соочи со екипата на Чаир во салата „Јане Сандански“, а Работнички ќе гостува кај незгодниот тим на Куманово.