Ништо од спектаклот во Белград, Србија ја демолираше Словенија на Дончиќ

Кошаркарите на Србија ја демолираа селекцијата на Словенија на пријателскиот натпревар во Белград и славеа триумф со огромни 106-72. Нашиот северен сосед настапи со Никола Јокиќ во составот, а на спротивната страна беше другата голема НБА ѕвезда, Лука Дончиќ. 

Она што веројатно се очекуваше да биде спектакл, испадна прилично едностран меч во кој за конечниот епилог се прашуваше само еден тим. Србија одигра феноменални први две четвртини, а за доминацијата на „орлите“ најдобро сведочи резултатот од вториот период (31-13). На паузата Словенија имаше негатива од 28 поени (64-36). 

Ништо не се промени и во второто полувреме, Словенија малку се стабилизираше, но Србите уште повеќе ја зголемуваа предноста и само најавија дека ќе забележат огромен триумф пред својата публика. Последните десет минути донесоа израмнета игра, но тоа воопшто не влијаеше на конечниот исход. 

Јовиќ постигна 18, Богдановиќ 14, а Никола Јокиќ додаде уште десет кај победничкиот тим. Лука Дончиќ беше автор на 17 поени за Словенија.