• Мартин Танасковски
Шпански Реал Мадрид обезбеди пласман на Фајнал-форот во Евролига, откако со 3-1 во серијата го елиминира Хапоел Тел Авив во четвртфиналето. „Кралскиот клуб“ во четвртиот натпревар одигран во Ботевград славеше со 87-81 и стана вториот тим што обезбеди место на завршниот турнир во Атина, по Олимпијакос.
Тимот предводен од Серџо Скариоло клучната разлика ја направи во втората четвртина, кога се одлепи на двоцифрена предност. Во еден момент Реал имаше и +15, а на полувремето замина со сигурни 46-36.
Во второто полувреме шпанскиот гигант рутински ја контролираше играта и не дозволи сериозен пресврт. Хапоел успеа да се доближи на седум поени разлика во последната четвртина, но составот на Димитрис Итудис немаше сили за целосно враќање.
Во полуфиналето на Евролигата, Реал Мадрид ќе игра против победникот од серијата меѓу Фенербахче и Жалгирис.

