Ништо ново ниту во реваншот: Куманово пак поразен, БИБЛ титулата за Берое

Екипата на Куманово ќе почека некоја друга прилика за прва титула во регионалната БИБЛ лига, откако и во реваншот од финалето забележа пораз од Берое со резултат од 73-77. Така составот од Бугарија сосема заслужено ја подигна првата историска титула на меѓународна сцена.

Куманово, како и во првиот меч, така и вечерв, лошо го започна реванш дуелот од финалето во БИБЛ против Берое. Составот од Бугарија само по 6 минути игра створи двоцифрена предност (6-16), на што Србиновски реагираше со тајм-аут. Но, и советите не вродија со плоd, откако Берое поведе и со +14 (6-20), за да ја добие воведната четвртина со резултат од 9-22.

Составот од Стара Загора фуриозно тргна и во втората половина од првото полувреме и поведе со +17 (9-26). Кон средината на периодот Куманово преку Миладин Пековиќ успеа да спушти на едноцифрена негатива (19-27), на што со пауза одмор одговори гостинскиот стратег. До крајот на првото полувреме Берое повторно се одлепи и на паузата замина со +16 (26-42).

Се чини паузата добро им дојде на домашните кошаркари, со оглед на тоа што второто полувреме Куманово го отвори со три тројки во низа на капитенот Јанески за само -7 (37-44). На ова со тајм-аут одговори гостинскиот тренер, но ниту тоа не помогна, откако веднаш Живановиќ погоди тројка, а Караколев врза четири поени за израмнување (44-44). Кумановчани продолжија да играат како во транс и направија комплетен пресврт. Притоа поведоа и со +6 (51-45), за да на пауза во пресрет на последните десет минути заминат со +3 (56-53).

На почетокот на завршната четвртина се разбуди Џонс во таборот на гостите и немилосрадно го полнеше кошот на Куманово за ново водство на Берое (59-64). На крај на нова, втора победа во финалето се радуваше Берое со конечен резултат од 73-77.

Капитенот Марјан Јанески со 15 поени и 8 скока беше прво име кај Куманово, во чии редови втор стрелец со 13 поени беше Миладин Пековиќ. Во славеничката екипа најефикасен со 17 поени беше Брендис Рос.