„Никс-манија“ во Њујорк: Цените на билетите за финалето во НБА се вртоглави!

Еуфоријата во Њујорк достигна невидени размери откако Никси се пласираа во финалето на НБА лигата и водат со високи 2-0.

Тоа најдобро се гледа преку цените на билетите за натпреварите во „Медисон Сквер Гарден“. Љубителите на кошарката кои сакаат во живо да ги проследат финалните пресметки ќе мора да издвојат вистинско богатство. Според актуелните информации, најевтиниот билет за третиот натпревар од серијата чини 11.461 долари, додека за четвртиот меч цената започнува од 13.065 долари.

Тоа значи дека навивачите кои планираат да присуствуваат на двата финални дуели во Њујорк ќе треба да платат повеќе од 24.500 долари само за влезници, без да се пресметаат дополнителните трошоци за патување, сместување и престој.

Огромниот интерес не е изненадување ако се знае дека Никси по повеќе од две и пол децении повторно играат натпревари од големото НБА финале пред својата публика. Во легендарната сала веќе владее атмосфера каква што одамна не е видена, а многу навивачи се подготвени да платат астрономски суми за да бидат сведоци на историскиот момент за франшизата.

Рекордната побарувачка уште еднаш потврдува дека враќањето на Њујорк на најголемата кошаркарска сцена предизвика вистинска спортска треска и го претвори финалето во еден од најпосакуваните спортски настани во светот оваа година.