Николовски: Со добра игра во одбрана, можеме да победиме во Битола

Дербито на првото коло од кошаркарскиот шампионат на Македонија во новата година е гостувањето на Работнички во Битола. Многу поважен дуел за битолчани пред кои се јавува императив на победа, која би ги одржала шансите за место во првата „шестка“ во Првата лига.

Димитар Мираковски најави, а раководството на Работнички реализира дел од плановите на стручниот тим. Ангажиран е Американецот Дамиер Питс, кој треба да биде екстра дополнение на првата бековска позиција, на која од пред извесно време е и Марјан Младеновиќ.

Претходно, Работнички го совлада Куманово, а во „преден план“ излезе Кирил Николовски.

Репрезентативното крило биеше без грешка во обидите за три поени. Ги реализираше сите шест шута зад линија 6.75 метри. И од него се очекува повторно да биде оној „стариот“.

„Знаете дека зад мене беше една незгодна повреда, која полека ја оставив зад себе. Но, и средбата со Куманово покажа дека полека се враќам назад, кон формата која што ја посакувам. Се надевам дека за кратко време ќе бидам оној „стариот“ Кирил Николовски“.

Што се однесува за саботниот дуел во Битола, вели дека ќе биде доста тешко.

„Со оглед на тоа дека се пренесуваат бодовите за вториот дел од шампионатот, секој меч е битен, па така и овој во Битола. Условите за игра се еднакви, „ладни’“ и за двете екипи, не можеме да побегнеме од тоа. За Пелистер овој дуел е уште поважен со оглед на тоа дека го бркаат она шесто место кое носи во Суперлигата. Но, и ние имаме свои пресметки. Со добра игра, пред се во одбраната, мислам дека можеме да победиме во Битола“, смета Николовски.

Барем засега, неизвесно е дали стручниот штаб на „црвено-белите“ ќе може да смета на услугите на Питс, чие доаѓање во главниот град се очекуваше за попладневните часови.