Николов: Чест ми е што ќе го носам дресот на Македонија, во овој циклус влегуваме подмладени

Машката кошаркарска репрезентација го одработи првиот тренинг во пресрет на овој ноемвриски „прозорец“ на ФИБА. Во Скопје, во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ стручниот штаб предводен од селекторот Александар Тодоров со 12 кошаркари ги стартуваше подготовките за квалификациите за ЕП. 

Меѓу избраниците на селекторот е и младиот Кристијан Николов кој полека, но сигурно, доаѓа во ситуација да биде и еден од  носителите на играта во оваа репрезентација.  

„Ова за мене е чест, да се биде дел од националниот тим на Македонија е чест. Пред сè, секогаш се радувам кога сум во дресот на Македонија. Во овој циклус одиме подмладени. Има некои нови дечки, таленти, ќе дадеме се од себе. Немаме никаков притисок, одиме со бистри глави и знам дека ќе излеземе на теренот со желба за најпозитивен резултат. Ќе се бориме на секој дел од теренот, и дека ќе го оствариме она за кое сме тука.

Секако во Талин одиме на победи. И против Естонија и против Италија, тоа е наша цел, тоа е репрезентација на Македонија. Ќе дадеме се од себе за да успееме, верувам во тоа, зошто да не?“, коментира Николов. 

Претстојниот турнир на ФИБА ќе се игра во Талин од 28 до 30 ноември. Македонија има два порази во воведните два меча, од Естонија во Скопје и од Русија на гостински терен.