• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје загуби од Игокеа во еден од клучните натпревари за опстанок во АБА-лигата (78-84) и сега шансите за спас во најдоброто друштво на Јадранот се сведени на теорија.
Одлучи серијата од 12-0 на Игокеа во четвртиот период, кога нападот на МЗТ Скопје застана. По натпреварот тренерот Драган Николиќ направи анализа и даде коментар за еден од последните натпревари на домашен терен за „штрковите“ оваа сезона во АБА.
„Што се однесува до Игокеа, ја посакуваа оваа победа и дојдоа до неа. Што се однесува до нас, ние го дозволивме тоа со неверојатни грешки. Покажавме неспособност да не добиеме меч кој сакавме да го добиеме и не успеавме поради некои основни грешки и едноставно тоа е тоа. Знаеме во каква сме ситуација, повторувам од ден во ден дека ќе се бориме до крај, но тоа е што е моментално“, изјави Николиќ.
МЗТ Скопје останува закован на дното во АБА-лигата со скор 4-18. а пред него е Борац со една победа повеќе. Четиринаесеттото место на табелата носи директно испаѓање, а тринаесеттиот игра бараж. До крајот на регуларниот дел остануваат уште четири кола, а МЗТ Скопје игра со Борац и Сплит на гости, како и со Задар и Цибона дома.