Николиќ: Играчите се освежени, а и здравствениот билтен е многу пополовен

Малкумина би се обложиле на успех на МЗТ Скопје Аеродром во дуелот со една од четирите најдобри екипи во АБА лигата, Цедевита Олимпија од Љубљана. Сепак, Драган Николиќ верува дека со слободна недела за тренинзи и добра подготовка на натпреварот, како и враќање на повредените кошаркари, не е невозможно изненадување.

Српскиот стручњак ги пофали гостите од Љубљана, но верува во неизвесен натпревар.

„Против себе ќе имаме екипа од Еврокупот, која е меѓу четирите најдобри во АБА лигата и која е предводена од квалитетен тренер со континуитет во работата. Лидери се Ферел, Адамс и Омиќ, а важат за одлична шутерска екипа, предводени од Јеремиќ.

Цедевита Олимпија има фантастичен напаѓачки потенцијал и неслучајно е таму каде што е. Нашиот здравствен билтен е далеку поповолен, а играчите се освежени, бидејќи неделава немаа натпревар туку само тренираа. Очекувам енергијата да биде на максимално ниво, како на претходните неколку домашни средби, но не и како минатиот дуел кај Студенски Центар Дерби. Само со таков пристап и игра ќе може да се надеваме на поволен резултат“, рече Николиќ,
 

На првиот натпревар во Љубљана, тогаш водени од Александар Петровиќ, металците играа компетитивно, но на крај пак загубија од „зелените“. Утрешниот дуел е закажан за 17:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.