Николиќ: Драго ми е што ги вратив насмевките на лицата на „соколите“!

Екипата на Карпош Соколи ја заврши 2016 година со посакувана победа во АБА-лигата. Македонскиот претставник во регионалното натпреварување на домашен терен славеше над Морнар Бар и направи чекор напред во битката за опстанок во регионалното натпреварување.

Стратегот Драган Николиќ е релативно задоволен од 2016 година, а во наредните 365 дена посакува подобри резултати и надминување на минатогодишната генерација која со резултатите во домашното првенство, Купот на Македонија и самиот пласман во АБА-лигата оствари историски успех за тимот од Карпош.

„2016 година лично за мене беше добра. Интересен податок - во 2008 година станав тренер во Првата лига на Србија, по доста сезони минати во женската кошарка и ниските лиги. Во 2012 година станав Суперлигашки тренер, а во 2016 година добив шанса да бидам АБА-лигашки тренер во Македонија. Задоволен сум, морам да признаам, но она што ме радува е што направивме добра тимска хемија за разлика од стартот на сезоната. Не дека не се работеше добро пред да дојдам, кажав кога пристигнав - тимот заслужи повеќе победи, но драго ми е што ете, создадовме добар тим кој донесе неколку победи во низа на домашен терен“, изјави Николиќ.

Главна цел на Николиќ во 2017 година ќе биде повторување, или евентуално надминување на ланскиот успех.

„Сакаме да ја надминеме генерацијата која направи историски успех лани, а тоа е вицешампион во Суперлигата, како и финалист во Купот на Македонија. Ќе биде тешко, знаејќи дека во Македонија има клубови кои работат доста добро. Дали во 2017 година ќе ги оствариме желбите - не знам. Ќе се трудиме. Драго ми е што оваа екипа создаде хемија и има позитивна енергија која се покажува кај играчите. Се надевам дека ќе имам позитивна година во уште една моја земја - Македонија. Дојдов тука со насмевка на лицето и желба за работа. Кај мене го имаше тоа, а кај играчите го немаше. Е, сега е друго - моите играчи имаат насмевка на лицето. Задоволен сум уште од денот кога пристигнав, задоволството што сум тренер на овој тим нема никогаш да ми се расипе. Имам обврска да работам, тоа и го правам. На сите им посакувам добро здравје и среќа во новата 2017 година, а на нашиот тим подобри игри и нови победи“, заклучи Николиќ.

Карпош Соколи во АБА-лигата се наоѓа на 10. место со пет победи по 16 одиграни кола. Првиот меч во 2017 година „соколите“ на Николиќ ќе го имаат на 7 јануари, кога гостуваат кај Партизан во Белград.