• Мартин Танасковски
Иднината на Јанис Адетокумбо во дресот на Милвоки Бакс изгледа сè понесигурна, а во јавноста веќе се појавуваат информации за клубови кои внимателно ја следат неговата ситуација и се подготвени да реагираат доколку дојде до разделба.
Грчкиот кошаркар наводно е незадоволен од моменталната состојба во екипата, бидејќи Бакс во овој момент немаат реална можност за борба за шампионската титула. Токму тоа го наведува Јанис сериозно да размислува за заминување од клубот во кој ја мина целата своја НБА-кариера.
НБА-инсајдерот Крис Хејнс се огласи во врска со можната следна дестинација на Адетокумбо, наведувајќи дека како потенцијални кандидати се издвојуваат Њујорк Никс, Голден Стејт Вориорс, Мајами Хит и Минесота Тимбервулвс. Според неговите информации, сите овие тимови внимателно го следат развојот на настаните во Милвоки. Каде и да заврши Јанис Адетокумбо доколку навистина дојде до заминување, нема сомнеж дека неговиот трансфер од Милвоки би претставувал еден од најспектакуларните трејдови во поновата историја на НБА лигата.
Адетокумбо пристигна во НБА во 2013 година како 15. пик на драфтот и оттогаш беше верен на Милвоки Бакс. Круната на неговата досегашна кариера беше шампионската титула освоена во 2021 година, кога беше прогласен и за МВП на финалната серија.
Во кариерата двапати ја освои МВП-наградата за регуларната сезона, во 2019 и 2020 година, а дури девет пати беше избран за Ол-стар натпреварот. Во актуелната сезона, на 16 одиграни натпревари, бележи просек од 30,6 поени, 10,7 скока и 6,4 асистенции, со што уште еднаш го потврдува статусот на еден од најдобрите кошаркари во светот.






