Невиден интерес: Ги продадоа сите сезонски билети за помалку од 24 часа

Грчкиот кошаркарски гигант, Панатиниакос, се пласираше на фајнал-фор турнирот во Евролигата и има шанса да дојде до седмата титула во елитното натпреварување, а навивачите се во транс и веќе најавија масовна поддршка за своите миленици и следната сезона. 

Тоа се потврдува со фактот дека сите сезонски билети за следната година „пламнаа“ за помалку од 24 часа, по што управата изрази големо задоволство и најави уште посилен тим догодина. Вкупно 11.200 влезници беа продадени за нецело деноноќие, а со тоа само се потврдува популарноста на клубот во главниот град на Грција. 

Атињаните патуваат на завршниот турнир и во полуфиналето ќе се соочат со Фенербахче, додека вториот пар го сочинуваат Олимпијакос и актуелниот континентален владетел, Реал Мадрид. 

„Детелинките“ најавија нови големи засилувања и за следната сезона, а наскоро се очекува и потврда за останувањето на турскиот тренер, Ергин Атаман, кој ја оствари зацртаната цел и го однесе тимот на фајнал-форот во Евролигата.