Неверојатно: Монако има двајца тренери за евролигашкиот меч со Олимпијакос!

Кошаркарите на Монако се најдоа во необична ситуација во плејофот од Евролигата - тимот практично го водат двајца тренери.

По заминувањето на Василис Спанулис, раководството реши да не носи ново име, туку довербата да им ја даде на асистентите Манучар Маркоишвили и Серхиј Гладир.

Во хаотични околности, со финансиски проблеми и скратен ростер, клубот немал реална можност за ангажман на нов тренер, па решението било пронајдено „внатре во куќата“. Играчите го поддржале овој потег и застанале зад тренерскиот тандем кој добро го познава тимот. 

Интересно е што нивните улоги се поделени - во Евролигата главната улога ја има Маркоишвили, додека во домашното првенство тимот го води Гладир поради административни правила.

И покрај сите проблеми, Монако успеа да остане конкурентен и да избори место во плејофот, каде се соочува со тежок предизвик против фаворизираниот Олимпијакос и има негатива од 2-0 во четвртфиналната серија. Третиот меч меѓу овие ривали започнува во 19:45 часот.