ВИДЕО: Неверојатниот Дончиќ со 42 поени по третпат го замолкна „Стејплс Центар“!

Лука Далас

Лука Дончиќ блесна на петтиот натпревар и беше најзаслужен за новата победа на Далас Маверикс на гостувањето кај Лос Анџелес Клиперс (100-105). Словенецот го водеше тимот со 42 поени, 14 асистенции и осум скока и одново го замолкна „Стејплс Центар“.

Сега серијата одново се префрла во Тексас. Далас води со 3-2 и е на чекор од конференциското финале. Она што треба да го направи е да го одбрани домашниот терен првпат во оваа серија.

Филаделфија ја затвори серијата со Вашингтон (129-112) и покрај неиграњето на Џоел Ембид. Гостите од главниот град немаа сили да избегнат елиминација на овој гостински натпевар. Сет Кари ја презеде одговорноста и запиша 30 поени, а доби помош од Тобиас Херис кој постигна 28 поени.

Убедлив триумф запиша Атланта кај Њујорк во „Медисон Сквер Гарден“ (89-103). Никси ја завршија сезоната, но добија аплаузи за прикажаното во изминатите седум месеци. Трае Јанг со 36 поени беше најефикасен на теренот. Хокси закажаа дуел со Сиксерси во втората рунда.

Тимот со најдобар скор во регуларниот дел од сезоната Јута Џез по четврти пат го победи Мемфис Гризлис (126-110). Донован Мичел одново беше прво име со 30 поени. „Џезерите“ ќе имаат време да одморат и да чекаат расплет од дуелот меѓу Далас и Лос Анџелес Клиперс.