Неверојатни бројки: Дончиќ е „најдобар играч“ во историјата на НБА лигата!

Лука Дончиќ игра во неверојатна форма на стартот од новата НБА сезона, а бројките што ги бележи во дресот на Лос Анџелес Лејкерс се нешто што досега не е видено во историјата на лигата.

Словенечкиот кошаркар настапи на седум од првите осум натпревари на својот тим и има просек од фантастични 38,3 поени, 8 скокови и 8,1 асистенција по натпревар. Лејкерс досега остварија шест победи и два порази, а Дончиќ е убедливо нивниот најважен играч.

Она што особено импресионира се неговите бројки во споредба со легендите на НБА. На првите седум натпревари постигна 268 поени, со што го надмина Мајкл Џордан, кој имаше 225 во својата МВП-сезона 1987/88. Дончиќ има и 56 скокови, еден повеќе од Коби Брајант во сезоната 2007/08, како и 57 асистенции, една повеќе од Леброн Џејмс во 2009/10. Дополнително, постигна 41 тројка, три повеќе од Стеф Кари во неговата рекордна сезона 2015/16.

Меѓу неговите највпечатливи настапи се издвојуваат 52 поени против Јута, 45 против Торонто и 42 против Мајами. На последните пет натпревари постигна најмалку 37 поени, а неговата ефикасност е подеднакво импресивна - шутира речиси 50 проценти од поле и 42,7 проценти за три поени.

Според аналитичките податоци, ова е најдобриот почеток на една сезона во историјата на НБА. Дончиќ е и првиот кошаркар кој на првите седум натпревари во една сезона успеал да постигне најмалку 250 поени и 40 тројки.

„Сакам да бидам МВП и најдобар дефанзивец во лигата. Знам дека во моментов не сум најдобар во одбраната, но навистина сакам да напредувам“, порача Дончиќ, кој досега двапати беше најдобар стрелец во НБА, но сè уште нема освоено МВП-признание.

Интересно е што Словенецот оваа сезона посветува поголемо внимание и на играта во одбрана, нешто што го забележал и тренерот Џеј Џеј Редик, кој го пофали неговото пожртвувано однесување и преземањето сериозна одговорност во тимот.