ВИДЕО: Неверојатен „трипл-дабл“ на Јокиќ, но Феникс пак го „збриша“ Денвер

Кошаркарите на Феникс Санс повторно приредија изненадување во четвртфиналната фаза од плеј-офот и се на чекор до место меѓу четирите најдобри екипи од Западната конференција на НБА лигата.

Овој пат на гости и тоа пред пред публика на „Бол Арена“ во Денвер, Санси одново одиграа фантастичен натпревар против Нагетси и со победата од 102-116 се изборија за водство од 3-0 во оваа серија. 

Ако во првите две четвртини се играше речиси израмнето, со одлични периоди на двете страни и само четири позитива за Санси на полувреме, во останатите две, Денвер целосно потфрли и дозволи противникот да ја има контролата врз резултатот и на крај да слави со убедливи 14 поени разлика.

Во редовите на Нагетси не помогна ниту расположениот МВП на сезоната, Никола Јокиќ, кој повторно имаше неверојатна вечер. Српскиот центар забележа нов „трипл-дабл“ со 32 поени, 10 асистенции и дури 20 скока, но немаше соодветна поддршка од соиграчите. Кај гостите се истакна Букер со 28, а еден поен помалку имаше Пол.

Екипата на Филаделфија по поразот во првата пресметка од Атланта успеа да направи комплетен пресврт и да поведе со 2-1 во четвртфиналната серија од Источната конференција. По брејкот на Хоукси, кошаркарите на Филаделфија одиграа две моќни партии и со гостинската победа од 111-127 за првпат во оваа серија се во предност и поблиску до полуфиналето.

Емблид со 27 и Харис со 23 поени беа најзаслужни за високата победа на Филаделфија, додека кај поразениот тим прв стрелец беше Јанг со 28 поени.