Нено втор најдобар стрелец во циклусот и рекордер по поени на меч

Македонија не успеа да се пласира на Европското првенстсво (ЕП) во кошарка, а меѓу статистичките податоци доминира нашиот најдобар кошаркар Ненад Димитријевиќ.

На поентерската листа, Ненад Димитријевиќ е на второто место и на пет натпревари има вкупно 131 постигнат поен. Интересно е што плејмејкерот го загуби лидерското место во фото-финиш, затоа што Марио Хезоња на последниот меч против Кипар даде 40 поени за Хрватска и го презеде врвот со 149 поени.

Третото место на листата му припаѓа на Торнике Шенгелија од Грузија со 114 поени, пред Клемен Препелиќ од Словенија со 105 поени и Ретин Обасохан од Белгија со 100 постигнати поени.

Кога ќе се погледне просекот, Ненад Димитријевиќ е трет стрелец со 26,2 поени по натпревар, пред него се Марио Хезоња со 29,8 поени по меч и Клемен Препелиќ со 26,3 поени по меч.

Ненад Димитријевиќ во овој циклус даде 43 поени против Литванија во Каунас и е на првото место по број на поени на меч. Зад него е Давид Крамер од Германија кој против Шведска исто така даде 43 поени, ама имаше полоша реализација, додека на делба на третото место се Марио Хезоња (Хрватска) и Александар Везенков (Бугарија) со по 40 поени со Кипар и Шведска.

Кај индекс-поените, партијата на Димитријевиќ против Литванија му донесе 40 поени, што го става на четвртото место на листата.