Нено Димитријевиќ ќе игра заедно со браќата Адетокумбо во Грција!

Грчкиот кошаркарски клуб Арис во чии редови новајлија е и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, го потврди ангажманот на Танасис Адетокумбо, кој потпиша договор на две години со можност за продолжување на уште една сезона.

Танасис Адетокумбо е роден на 18 јули 1992 година, висок е 201 сантиметар и настапува на крилните позиции. Новото засилување на Арис ја започна професионалната кариера во Филатлитикос во 2011 година, а една година подоцна се пресели во САД, каде што настапуваше за Делавер 87ерс, развојниот тим на Филаделфија Севентисиксерс.

Во 2014 година беше избран како 51. пик на НБА драфтот од страна на Њујорк Никс. Најголемиот дел од времето го мина во развојната лига со Вестчестер Никс, каде што се истакна со своите дефанзивни квалитети и беше избран во втората најдобра дефанзивна петорка на НБА Д-лигата.

Во 2016 година се врати во Европа и потпиша за шпанска Андора, со која избори пласман во плејофот по пауза од 22 години. Особено се истакна во серијата против Реал Мадрид, каде што бележеше просек од 12,7 поени и 4,7 скока по натпревар. Една година подоцна се врати во Грција и потпиша за Панатинаикос. Со атинскиот великан освои две шампионски титули, а во 2018 година беше прогласен за МВП на Ол-стар натпреварот во Грција.

Во 2019 година повторно замина во НБА и му се приклучи на Милвоки Бакс, каде што настапуваше заедно со својот брат Јанис Адетокумбо. Во 2021 година стана НБА шампион со Бакс, а во клубот остана до ова лето. За франшизата од Милвоки одигра вкупно 255 натпревари, додека сезоната 2024/25 ја пропушти поради повреда. Адетокумбо е стандарден репрезентативец на Грција од 2016 година.