Нено без финале, Виртус против Бурса на Петрески во финалето на Еврокупот

Екипата на Виртус Болоња е вториот патник во финалето на Еврокупот, откако во полуфиналниот дуел кој го носеше епитетот „финале пред финалето“ славеше над шпанска Валенсија (73-83), во чии редови настапува Ненад Димитријевиќ.

Македонскиот репрезентативец доби скромна минутажа во овој дуел и максимално ја искористи. За десет минути на паркетот, Димитријевиќ даде шест поени со шут 3/4 за два. Италијанскиот тим тргна фуриозно уште од стартот, поведе со 19-27 и цело време диктираше темпо на игра.

Новото засилување Шенгелија беше најдобар кај победникот со 15 поени, пред Белинели со 14 поени, додека Теодосиќ впиша 12 поени, а кај Валенсија најдобар беше Риверо со 17 постигнати поени.

Виртус Болоња во финалето ќе игра со турската сензација Бурсаспор во чии редови асистент е македонскиот тренер Мирко Петрески. Победникот во Еврокупот следната сезона ќе игра во Евролигата.