• Саше Љолес

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ сосема заслужено е избран за МВП на четвртото коло во евроквалификациите, откако реализираше неверојатни 43 поени на натпреварот против Литванија и ја одушеви целата спортска јавност.
Нашиот најдобар кошаркар успеа да го израмни рекордот на евро-квалификациите откако е воведен овој нов формат. На средбата со Литванија во Клаипеда, реализираше 43 поени, ефект што е во ранг на оној кој пред неколку дена го направи репрезентативецот на Германија, Давид Крамер.
За жал, неговиот перформанс не беше доволен за Македонија да ја изненади Литванија на гостински терен, иако Димитријевиќ постигна седум тројки, имаше и шест асистенции, четири скока и три освоени топки, а сето тоа беше доволно за највисок индекс на поени - 40.
Неговиот учинок е највисок во четвртото коло од квалификациите, и затоа е избран за најкорисен играч во вториот круг од ФИБА „прозорецот“ во ноември.
Во ТОП-5 на ФИБА се најде и ефектот на Чеди Осман. Турскиот кошаркар имаше 36 индексни поени на гостувањето во Унгарија, каде неговата селекција беше подобра од домашната Унгарија (76-81).
Поранешната НБА ѕвезда постигна 33 поени (пет тројки), дополнети со 11 скока, три асистеннции и по една блокада, односно една освоена топка.
Камар Болдвин се покажа како одлично засилување за репрезентацијата на Грузија. Го потврди тоа веднаш, на средбата со Финска во која ги предводеше Грузијците до победата (81:64).
Реализираше 22 поени (со четири тројки), на кои додаде и девет скока, шест асистенции, три освоени топки и една блокада.
Во оваа елитна конкуренција „влезе“ и Матеуш Понитка. Најдобриот играч на Полска беше главен играч во гостинската победа над Естонија (88-86). Лидерот на полскиот национален тим го оправда тоа со 27 поени, но и осум скока, четири украдени топки, три асистенции, за вкупен индекс - 33.
Своја вечер имаше и Ондреј Балвин, кој даде голем придонес во победата на неговата селекција, Чешка, во мечот против Холандија (70-77). Имаше „дабл-дабл“ учинок, изразен со реализација на 15 поени и 13 скока, плус и шест додавања, и по две освоени топки и блокади.