• Иван Димовски
Кошаркарите на Олимпија Милано убедливо го совладаа Реал Мадрид (85-76), во рамките на осмото коло во Евролигата. Италијанскиот тим одигра одлична партија, а беше инспириран од дуото Ненад Димитријевиќ и Зек Ледеј.
Македонскиот репрезентативен плејмејкер ја имаше најдобрата партија од доаѓањето во Милано. Иако немаше целосна минутажа и одигра нешто повеќе од 25 минути, Димитријевиќ беше најдобар поентер на натпреварот и заврши со 22 поени. Тој уфрли четири тројки и уште четири пати беше прецизен од поле, па погоди и две слободни фрлања.
„Кралевите“ подобро отворија и поведоа на стартот, меѓутоа Милано бргу се консолидира и ја презеде иницијативата. Поведоа „манекените“ и двоцифрено, а на полувреме заминаа со 47-40. На стартот на продолжението Реал беше најблизу да се врати до егал, а во последната четвртина домаќинот одново се наметна и дојде до убедлива предност.
Зад Димитријевиќ кој имаше 22 поени, втор поентер беше Ледеј со 17, а кај Реал се истакнаа Хезоња и Ибака со по 13 поени.
На останатите терени Црвена Звезда беше убедлива против Алба Берлин (92-71), Баерн слави со Жалгирис (77-74) и Париз минимално беше подобар од Партизан (74-71).