• Саше Љолес
Веќе подолго време се зборува за „влезот“ на НБА лигата на европскиот пазар, а оваа идеја веројатно наскоро и ќе се реализира, со оглед на сите досегашни информации.
Проектот го најави и славниот француски кошаркар, Тони Паркер, кој изјави дека повеќе пати разговарал со комесарот на НБА, Адам Силвер, а во новиот формат треба да учествуваат неколку НБА екипи, како и тимови од Евролигата и од другите континенти.
Првото издание на новото натпреварување треба да биде наскоро најавено, а веќе се познати и европските градови каде што публиката ќе има можност да ужива во овие натпревари. Она што е интересно е дека на листата го нема Белград, кој исто така се споменуваше како еден од домаќините на дел од мечевите.
На овој список засега се најдоа Мадрид, Барселона, Минхен, Берлин, Париз, Лондон, Манчестер, Милано, Рим, Истанбул и Атина, но не е исклучена можноста да бидат додадени уште неколку градови.
Сето тоа ќе зависи од бројот на тимови-учесници во натпреварувањето чиј формат и програма треба да бидат најавени по истекот на актуелната сезона во НБА и во Евролигата.