Нема кошарка во Тел Авив и Дубаи до крајот на сезоната

Акционерите на Евролигата донесоа одлука израелските клубови Макаби и Хапоел Тел Авив, како и тимот на Дубаи, до крајот на сезоната своите домашни натпревари да ги играат на неутрален терен поради ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток.

Според информациите објавени од грчките медиуми, одлуката била донесена на итен состанок во вторникот, во услови на брзо менување на ситуацијата во регионот и обновени безбедносни закани по нападите на САД и Израел врз Иран.

Макаби повторно ќе се пресели во Белград, каде што како привремен домаќин ќе ја користи салата „Александар Николиќ“. Израелскиот гигант таму веќе настапуваше од 2023 година, односно од почетокот на конфликтот во Газа, кога поради безбедносни причини беше приморан да ги напушти домашните терени.

Хапоел Тел Авив ќе продолжи да биде стациониран во Софија, Бугарија, каде што своите натпревари ќе ги игра во арената „Арена 8888“. Во меѓувреме, дебитантот од Обединетите Арапски Емирати, Дубаи, како своја привремена база го избра Сараево. Клубот неодамна беше домаќин на Хапоел токму во главниот град на Босна и Херцеговина, што ја потврдува логистичката подготвеност за ваков аранжман.

Поради ограничувањата во авионскиот сообраќај и затворањето на дел од аеродромите, ниту еден од преместените клубови нема да настапи во текот на оваа недела. Организаторот беше принуден да ги одложи натпреварите меѓу Хапоел и Париз, Партизан и Дубаи, како и дуелот меѓу Макаби и Хапоел, кој е предвидено да се одигра во понеделник во Белград.