„Нема дилеми, Обрадовиќ е убедливо најдобриот тренер на сите времиња“

Тренерот на Црвена Звезда, Јоанис Сферопулос, ја одушеви регионалната јавност со неколку изјави поврзани со стратегот на Партизан, Жељко Обрадовиќ. 

Иако е тренер на најлутиот ривал во српската кошарка, Сферопулос не штедеше пофални зборови за трофејниот стратег на „црно-белите“ и рече дека Обрадовиќ е најдобар на сите времиња. 

„Не се работи само за бројки, туку и за нешто друго. Нешто што се вика кошаркарско знаење. Обрадовиќ успеа да ги освои највредните титули со неколку различни екипи. Тоа не може да го стори било кој и затоа сметам дека е најдобар на сите времиња.

Не сакам да ги потценувам останатите и не ми е таа намерата, но сигурен сум во ова што го зборувам. Би сакал светот да има уште барем неколку тренери како Жељко“, изјави Сферопулос. 

Црвена Звезда успеа да ја освои шампионската титула во Србија, а воедно ја освои и титулата во АБА лигата, каде во финалната серија со „метла“ го надигра вечниот ривал.