• Мартин Танасковски
Љубителите на кошарката во Црна Гора добија одлична вест во пресрет на почетокот на квалификациите за Светското првенство. Кендрик Пери, поранешниот кошаркар на Карпош Соколи и ѕвезда во мак-баскетот кој претходно се повлече од репрезентативните настапи, донесе одлука повторно да го облече дресот со државниот грб и да ѝ помогне на селекцијата во новиот квалификациски циклус.
Црна Гора ќе настапи во првата рунда на квалификациите против репрезентациите на Грција, Романија и Португалија. Три најдобро пласирани селекции ќе обезбедат место во втората фаза, а сите бодови стекнати во првата групна етапа ќе се пренесуваат понатаму.
Пери беше еден од клучните играчи во претходниот квалификациски циклус и одигра значајна улога во пласманот на Црна Гора на Европското првенство. Сепак, по тој настап реши да се повлече од репрезентацијата, а на континенталниот собир неговото место го презеде Кајл Олман.
Челниците на кошаркарскиот сојуз и стручниот штаб не беа задоволни од изданијата на Олман, па започнаа разговори со Пери, кој во последните три години бележи одлични настапи со шпанска Уникаха, освојувајќи титули во ФИБА Лигата на шампиони и Интерконтиненталниот куп. Неговото враќање се смета за големо засилување во пресрет на предизвиците што следуваат.
Првиот квалификациски прозорец ќе се одигра кон крајот на ноември, кога Црна Гора ќе се соочи со Португалија и Романија. Целта е јасна, максимален ефект и пренесување на што повеќе бодови во втората фаза.


