Недовиќ го „уништи“ Олимпијакос, ПАО од бездна до триумф во грчкото дерби

Екипата на Панатинаикос ја продолжи победничката серија во грчкиот шампионат и славеше во грчкото дерби против Олимпијакос (76-81) иако во него ја имаше улогата на аутсајдер.

„Детелините“ се надминаа и во последниот квартал се вратија од двоцифрена негатива. Иако на нешто повеќе од пет минути до финишот губеа со дванаесет поени разлика (67-55), тимот влезе во серија, го сврте мечот во своја корист (69-70) и потоа со голема психолошка предност го надиграа ривалот во фото-финиш.

Најдобар кај победникот беше српскиот кошаркар Немања Недовиќ. Тој постигна вкупно 24 поени и беше прв стрелец на натпреварот, поддршка му беше Папапетру со 13 поени. Кај Олимпијакос не помогна Везенков кој оствари „дабл-дабл“ од 19 поени и десет скока, пред Фал кој исто така имаше „дабл-дабл“ (17 поени, 11 скока).

Панатинаикос така му го нанесе првиот пораз на големиот ривал. Двата тима по седум натпревари имаат скор 6-1.