Недостига само уште една дилема за завршниот турнир на Купот на Македонија во кошарка

Со дуелот МЗТ Скопје Аеродорм - Навико Академија ФМП, одигран синоќа, се отвори 11. коло, последното од првиот круг од натпреварите во Првата кошаркарска лига.

Бранителот на титулата победи и ќе ја има првата стартна позиција при формирањето на натпреварувачките двојки за оној завршен дел од натпреварите во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“. Ова коло носи и неизвесности, особено во поглед на тоа кои други седум екипи ќе се изборат за место кое води на „фајнал-ејт“ турнирот, следниот февруари.

Единствената дилема всушност е дали тоа како осмопласирана ќе биде екипата на Гостивар, или пак на таа последна позиција која носи настап во Купот, ќе бидат следбениците на табелата. Во предност е екипата на Гостивар, која по десет одиграни кола е на осмото место, гостиварци имаат скор (4-6), кој може да го поправат во претстојниот натпревар на домашен терен, против екипата на Работнички, кој е закажан за сабота навечер од 18:00 часот.

Со два бода од овој меч, извесно, гостиварци ќе останат на оваа позиција, и за противник во четвртфиналето ќе го имаат актуелниот бранител и на овој трофеј – МЗТ Скопје Аеродром Шанса да дојдат до позицијата број осум имаат и екипите на Кожув односно на Вардар, двете се на учинок од три победи и седум порази.  

Но и гевгеличани, и „вардарци“, освен што ќе чекаат пораз на Гостивар, ќе имаат доста тешка задача да дојдат до успех. Особено ако се земе в предвид дека овој викенд имаат нималку лесни гостувања.

Кожув патува во Битола, каде в сабота за противник го има се подобриот состав на Пелистер. Вардар, пак, е гостин на Еуро Никел 2005 во Кавадарци. Таа средба е предвидено да се игра на в недела попладне.