ВИДЕО: Не помага ни Леброн, Лејкерси надиграни и од Бостон

Лос Анџелес Лејкерс дефинитивно нема да игра во плеј-офот во НБА лигата во првата сезона по доаѓањето на Леброн Џејмс. „Езерџиите“ пред своите гледачи загубија од Бостон со 107-120, што е е петти пораз во серија за една од најтрофејните екипи во НБА-историјата. 

Домаќините настапија без Инграм, Кузма и Бол и се потпреа на инвидуалните квалитети на Леброн. „Кралот“ запиша нов „трипл-дабл“ со 30 поени, 12 асистенции и 10 скока. Кајри Ирвинг со 30 поени беше најефикасен поединец во победничкиот табор.

Најуспешниот тим во лигата, Милвоки Бакс го совлада Шарлот со 131-114, а Гркот Антетокумбо блесна со нов „дабл-дабл“ и крај своето име запиша 26 поени и 13 скокови. Одлична поддршка имаше од Брук Лопез, кој постигна 25 поени и Никола Миротиќ, кој беше автор на 18 поени.

Во останатите натпревари, Њујорк загуби пред своите гледачи од Сакраменто со 94-102, Атланта во финишот падна пред Бруклин (112-114), а по продолжение Минесота го надигра Вашингтон (135-130).