Не го сакаа Лејкерси, па Лу се договори со градскиот ривал

Тајрон Лу

Поранешниот НБА шампион со Кливленд Кавалирс, Тајрон Лу, конечно се договори со екипата на Лос Анџелес Клиперс.

Тој ќе ја извршува функцијата помошник на главниот тренер Док Риверс. Во текот на летото, 42-годишникот беше блиску до преселба во Лос Анџелес Лејкерс, но управата на тимот не сакаше да му даде доверба во следните три години. Тоа беше неговиот услов за да ја прифати работата.

Ова нема да биде негова прва соработка со Риверс. Претходно во два наврати му беше асистент, во Бостон и ЛА Клиперс.

Франшизата од Лос Анџелес важи за еден од главните фаворити за титулата наредната сезона. Во својот ростер ова лето успеа да ги доведе Каваи Ленард и Пол Џорџ, кои формираа дуо кое ќе им парира на Леброн Џејмс и Ентони Дејвис од редовите на „езерџиите“.