• Иван Димовски
Почина легендарниот кошаркар и тренер Лени Вилкинс, човек кој остави неизбришлива трага во историјата на НБА и кој беше примен во Куќата на славните и како играч и како тренер. Вилкинс почина на 88-годишна возраст, оставајќи зад себе огромно наследство во светот на кошарката.
Во текот на својата 15-годишна играчка кариера, Вилкинс девет пати настапи на Ол-стар натпреварот и двапати беше лидер во лигата по број на асистенции. Карактеристичен по својата интелигенција на теренот и лидерство, тој четири сезони беше играч-тренер, три со Сиетл Суперсоникс и една со Портланд Треилблејзерс, пред целосно да се посвети на тренерската кариера.
Како стратег, Вилкинс ја предводеше славната генерација на Соникс до шампионската титула во 1979 година, а во 1994 година беше прогласен за тренер на годината. Во НБА остави бројки што сведочат за неговата големина. Оствари 1.332 победи, што го прави трет најуспешен тренер во историјата на лигата. Вкупно водеше тимови на 2.487 натпревари, повеќе од кој било друг тренер во историјата на НБА, а низ годините седеше на клупите на Сиетл, Портланд, Кливленд, Атланта, Торонто и Њујорк Никс.
Вилкинс беше и селектор на репрезентацијата на САД со која во 1996 година освои олимписко злато во Атланта. Тој останува дел од елитното друштво од само пет мажи кои се примени во Куќата на славните и како играчи и како тренери, заедно со Џон Вуден, Бил Шарман, Том Хајнсон и Бил Расел.