НБА сезона 2019/20: Битката за ЛА е најновата атракција во САД

ЛА

Среда наутро по македонско време ќе започне долгоочекуваната НБА сезона. Во првиот ден ќе се одиграат два натпревари, а ќе дебитира и бранителот на титулата, Торонто Репторс. Тимот од Канада ќе го пречека Њу Орлеанс Пеликанс на најновата ѕвезда во САД, Зион Вилијамсон. Сепак, сите навивачи со поголеми очекувања гледаат во втората средба, на која силите ќе ги одмерат двата тима од ЛА, Лејкерси и Клиперси.

Токму нивната битка за Лос Анџелес, но и за шампионската титула, е најновата и најатрактивна приказна во Соединетите Американски Држави. Леброн Џејмс и Ентони Дејвис ќе бидат на едната, а Каваи Ленард и Пол Џорџ на спротивната страна.

Со оглед на заминувањето на Кевин Дурант, Голден Стејт веќе никој не го гледа како фаворит за трофејот. Стеф Кари ќе добие слобода во нападот, но ќе му фали неговиот „брат“ на теренот, Клеј Томпсон, кој се очекува да пропушти голем дел од сезоната поради повреда.

Од останатите екипи на Западот се издвојува уште Хјустон Рокетс. Расел Вестбрук пристигна во Тексас ова лето и заедно со Џејмс Харден ќе се обиде да приреди изненадување. Денвер, Портланд и Сан Антонио ќе се потрудат да го направат регуларниот дел од сезоната поинтересен, но никој во нив не гледа шампионски тимови.

Источната конференција ќе биде далеку поизедначена. Јанис Антетокумпо, минатогодишниот МВП играч, заедно со Милвоки одново ќе биде најголема закана за конкуренцијата. Неговата форма оди само во нагорна линија, а сите се прашуваат каде е неговата граница.

Филаделфија одлично се засили, Мајами го доведе Џими Батлер, а Бруклин со Кајри Ирвинг сигурно ќе биде проблем за секого. Дурант нема да може да им помогне на „мрежичките“ оваа сезона, но од наредната се очекува да ги води во походот кон нова титула. 

Актуелниот НБА првак Торонто сигурно ќе има што да каже, иако го загуби својот најдобар кошаркар во Каваи Ленард. Бостон остана без Ирвинг, но Бред Стивенс покажа дека знае како да работи со млади кошаркари. 

Фаворити од сенка се очекува да бидат Индијана, Детроит, Орландо и Шарлот.