НБА потпишува рекорден ТВ-договор, ѕвездите добиваат големи покачувања

НБА

НБА лигата е една од најпопуларните во спортскиот свет. Глобализацијата на најсилната кошаркарска лига на светот му носи астрономски приходи, а челниците се подготвуваат за нов телевизиски договор, кој треба да го потпишат во наредниот период.

Се споменува бројка која би можела да достигне до 75 милијарди долари. Сумата ќе биде инкасирана во наредните три години, односно заклучно со сезоната 2024/25 година.

Ако договорот биде потпишан, тоа ќе значи дека лигата ќе добие речиси трипати повеќе во однос на претходната соработка (24 милијарди долари). Таков голем скок на приходите од телевизија очигледно би имал огромно влијание врз ограничувањето на платата на играчите, кое се пресметува врз основа на вкупниот приход поврзан со кошарката.

Ова е одлична вест за кошаркарите, поточно најголемите ѕвезди, кои наскоро ќе ја надминат границата од 300 милиони при потпишувањето на своите долгорочни договори.