НБА подготвува револуција: Едно слободно фрлање – ќе вреди два или три поени!

НБА лигата ќе тестира две значајни новини за време на Летната лига во Калифорнија, Солт Лејк Сити и Лас Вегас, кои во иднина би можеле да станат дел од официјалните правила.

Првата промена се однесува на изведувањето на слободните фрлања. Наместо досегашниот систем, кошаркарите ќе имаат само едно слободно фрлање, без разлика дали претходно заработиле едно, две или три. Доколку играчот требало да шутира две слободни фрлања, ќе има еден обид вреден два поени, а ако изборил три, едно успешно слободно фрлање ќе носи три поени.

Сепак, ова правило ќе важи до последните две минути од четвртата четвртина и во продолженијата, кога ќе се применуваат стандардните НБА правила. Лигата веќе го тестираше овој систем во Развојната Џи-лига, со цел да се забрза текот на натпреварите и да се намалат прекините.

Втората новина е воведувањето на „паметна“ топка со вграден сензор кој ќе го регистрира секој контакт со неа. Собраните податоци треба да им помогнат на судиите при спорните ситуации, особено при одлуките за тоа кој последен ја допрел топката пред таа да излезе надвор од теренот. Од НБА нагласуваат дека сензорот не влијае на тежината, чувството или карактеристиките на топката, па кошаркарите нема да забележат никаква разлика за време на играта.

Двете новини веќе им биле презентирани на членовите на Натпреварувачкиот комитет на НБА, а првите тестови ќе почнат од петок на турнирот „Калифорнија Класик“.