• Мартин Танасковски
Кошаркарите на Реал Мадрид нема да ја бранат титулата во шпанското првенство, откако сензационално беа елиминирани уште во четвртфиналето на плејофот. „Кралскиот клуб“ загуби на домашен терен од Тенерифе со 107-95 во решавачкиот трет натпревар од серијата и така остана без можност да стигне до третата последователна шампионска титула.
Тенерифе приреди едно од најголемите изненадувања во сезоната и покрај тоа што во плејофот влезе како осмопласиран тим од регуларниот дел. Искусниот состав одигра извонреден натпревар и заслужено го симна од тронот фаворизираниот Реал Мадрид.
Најзаслужен за големата победа беше поранешниот НБА кошаркар Пети Милс, кој блесна со 29 поени. Одлична партија одигра и 43-годишниот ветеран Марселињо Хуертас, кој натпреварот го заврши со 23 поени, додека Кевин Јебо додаде значаен придонес во нападот.
Од друга страна, избраниците на Серџо Скариоло целосно разочараа во клучниот натпревар од сезоната. Реал заврши на првото место во регуларниот дел од шампионатот, но не успеа да го оправда статусот на фаворит во плејофот. Единствено Марио Хезоња беше на посакуваното ниво кај мадридскиот тим со 22 поени, додека останатите кошаркари потфрлија во најважниот момент.
Со овој пораз Реал Мадрид останува без трофеј оваа сезона, што претставува големо разочарување за клубот кој важеше за еден од главните фаворити и во домашните натпреварувања и на европската сцена.

